Осум причини зошто немате секс

Дали треба да ја обвиниме само зависноста од технологијата за намалениот квалитет и квантитет на сексуалниот живот?

Околу четворица од десет возрасни луѓе повеќе би сакале да го поминат времето пред спиење залепени за екранот на смартфонот отколку во прегратка со партнерот, покажуваат најновите истражувања. Двојките кои немаат телевизор во спалната соба имаат за 6 проценти поголеми шанси да водат љубов барем еднаш во неделата во споредба со оние кои гледаат телевизија пред спиење, покажува друго истражување.

„Живееме во време кога постојано ги проверуваме телефоните, пребаруваме на интернет или вртиме по канали на ТВ. Порано исклучувавме сѐ во 22:30. Не ни остануваше ништо друго освен да имаме секс! Сега има толку многу други опции и на крај, интимноста трпи најмногу“, вели Денис Ноулс, терапевтка за двојки.

Но, не е само тоа и не мора да биде така и понатаму. Таа ги издвојува овие осум најчести причини зошто двојките немаат секс воопшто или имаат секс помалку.

Телефоните ви се приоритет

Ако ви е поважно да бидете во контакт со вашите пријатели на социјалните мрежи и да проверувате мејлови од работа пред спиење, тоа значи дека врската не ви е приоритет. Кога е тоа можно, исклучете сѐ околу 21 часот и одвојте време за вас како двојка две-три вечери во неделата.

Времето поминато со партнерот не треба да биде луксуз. Не мора да значи дека тоа време ќе го поминете во секс, доволно е да воспоставите интимен контакт - разговарајте, држете се за рака, гледајте се во очи, галете се - без никакви други одвлекувања на вниманието.

Не се чувствувате привлечно

Ако сте преокупирани со тоа како изгледате, најверојатно нема да уживате во сексот. Без разлика на тоа колку пати партнерот/партнерката ќе ви каже дека сте убави и дека ве сакаат, ако вие не се чувствувате привлечно, само зборовите нема да ви помогнат да се опуштите.

Ако не сте задоволни од одредени делови од телото, не мора да бидете целосно голи за време на сексот и може да го замолите партнерот да не ве допира таму. Можеби допирањето на тој конретен дел од телото ви ја инхбира желбата за секс.

Ако сте загрижени дека имате вишок килограми, почнете да си посветувате време себе си и преземете ја контролата врз сопственото тело. Почнете да вежбате и да се храните поздраво и тоа ќе ви ја зголеми самодовербата.

Премногу сте уморни

Живееме брзо, тоа е точно, но не сте премногу уморни за да отидете на работа, да ги однесете децата на воншколски активности, да отидете во супермаркет. Значи уморот не треба да биде причина за одбегнување секс. Тоа не значи дека сексот треба да го сфатите како обврска, туку дека треба да го поместите погоре на листата на приоритети, барем еднаш во неделата.

Не мора да имате целовечерна секс партија, но одржувањето на интимноста е многу важна за да може целосно да уживате кога ќе имате време и енергија за секс. Комуникацијата е многу важна за да ја одржите интимноста и блискоста во врската, а тоа ќе ви даде енергија и за секс и за сѐ друго.

Не доживувате оргазам

Оргазмот стана мерило за добар секс и идејата дека кога имате секс доживувате оргазам со огномети и врескање од задоволство.

Да, возможно е да ги доживеете тие искуства од кои ви трепери целото тело. Но, не мора секогаш да биде така и не значи дека тогаш не уживате. Ако причината зошто не доживувате оргазам е психолошка, побарајте помош од секс терапевт. Можеби не сте доволно опуштени и паметот ви бега на друго место.

Мозокот е најголемиот сексуален орган во телото, така што умот мора да ви биде синхронизиран со тоа што го правите со телото.

Ќе нѐ слушнат децата

Ако имате деца, се грижите дека „ќе ве фатат на дело“. Но, станува збор за тоа дека ВИЕ се засрамувате, а не децата.

Ако децата веќе се тинејџери, поставете јасни граници за тоа кога може да влегуваат во вашата спална соба. Ако сте загрижени дека ќе ги разбудите од спиење малите деца, преместете ја акцијата во различен дел од куќата/станот.

Најдобар начин е да разговарате со децата за сексот уште од рана возраст и да им објасните дека интимноста е важен дел од здравата врска и дека тука нема причина за срамење.

Дали имате секс кога децата не се тука? Ако одговорот е „не“, тоа значи дека имате друг проблем во врската што треба да го решите.

Не чувствувате привлечност

Ова е многу поврзано со вашиот секојдневен однос кон партнерот/партнерката. Понекогаш е тешко да ви биде привлечен некој со кој сте се расправале цел ден за нешто сосема неповрзано со сексот и не можете едноставно да се „вклучите“ на секси расположение само поради тоа што сега имате време и енергија за секс.

Ако партнерот/партнерката повеќе не ви се привлечни, размислете дали е тоа само физички, емотивно или има нешто друго во врската што прави личноста да ви биде сексуално одбивна.

Ако постојано се карате, мора да ги решите другите проблеми пред да почнете да ги решавате проблемите во спалната соба. Бидете отворени за своите емоции и потреби и разговарајте искрено.

Повеќе сакате порно

Гледањето порно не е штетно само по себе, но ако тоа е единствениот начин на кој можете да постигнете оргазам, пробајте да гледате заедно со партнерот/партнерката, а не сами.

Овие работи најчесто се прават скришно и може да почнат да создаваат проблем во врската бидејќи другиот не знае дека вие се задоволувате на друго место и затоа не сте расположени за секс.

Заедно изберете го видот на порно содржината и разговарајте за тоа што ве возбудува и двајцата.

Не сакате секс

Некои луѓе сакаат и им треба секс повеќе отколку на партнерот/партнерката. Ова може да премине во проблем ако едниот почне да мисли дека другиот не сака да има секс со него. Многу е важно отворено да разговарате со партнерот зошто некој од вас не сака да има секс (или да има секс почесто). Дали станува збор за физичка попреченост или емотивни проблеми?

Ако е намален интензитетот на сексуалните средби во споредба со претходно, откријте зошто е тоа така. Без разлика дали сте вие страната што не сака да има секс (воопшто или не толку често), зборувајте искрено и дојдете до изворот на проблемот пред да прерасне во нешто поголемо.