Осум години подоцна: Споменикот со едно значење, а две имиња

На денешен ден пред осум години пред очите на граѓаните на Скопје се извиши споменикот на „Александар Македонски“ или познат во јавноста како „Воин на коњ“.  Се чини дека ова е единствен споменик во светот кој има дијаметрално различни имиња.  Едно за јавноста, а друго за поличарите. Споменикот беше пуштен во употреба на 8 септември истата година.

Автор на скулптурата Валентина Стефановска. Таа е висока 14,5 метри, изработена од бронза и поставена на бетонски постамент висок 10 метри. Под споменикот се наоѓа фонтана. Околу фонтаната се поставени осум војници од бронза кои се високи по три метри, како и осум лавови, високи по два и пол метри, од кои четири се свртени кон фонтаната. Од нивните усни тече вода. Останатите четири лавови се поставени на скалите и се во седечка, односно во чуварска положба. На столбот, постаментот на коњаникот, има три прстени со монтирани плочи на кои се претставени три битки. Меѓу нив има три прстени од бронза, со декорација и релјефни фигури. Од најгорниот прстен паѓа водена завеса, а нагоре се крева магла. Oд фонтаната свири музика.

Поставувањето на гигантската статуаа со воодушевување ја следеа голем број македонски граѓани. Проектот беше фален од тогашната власта, а критикуван од опозиција. Самата најава за реализацијата на идејата предизвика бурни реакции, како во домашната, така и во меѓународната јавност, а особено во Грција, која на ова гледаше обид да се присвои нејзината историја. Препознавајќи го Александар Македонски во ликот на споменикот, портпаролот на грчкото Министерство за надворешни работи Григорис Делавекурас кажа дека тоа претставува политика на прекршување на духот на Привремената спогодба, дека е провокативна, како и дека ги поткопува билатералните односи и наштетува на преговорите под покровителство на ОН.

Веста на Александар во сите светски медиуми

Веста за поставувањето на скулптурата „Воин на коњ“ на плоштадот „Македонија“ во Скопје се најде во речиси сите релевантни светски медиуми

BBC под наслов „Македонија монтира огромна статуа и покрај кавгата со Грција“, пишува дека во центарот на Скопје започна составувањето на споменикот на Александар Македонски, официјално именуван како „Воин на коњ“. „Грција, која има своја провинција наречена Македонија, се противи на правото на Скопје да се повикува на наследството на Александар. Тензиите меѓу Македонија и Грција го блокираа влезот на екс-југословенската република во НАТО и нејзиниот прогрес кон ЕУ“, јавува BBC.Австралиски Herald Sun под наслов „Македонија подигнува огромна статуа на Александар“, пишува дека споменикот ќе предизвика лутина меѓу Грците, кои го сметаат античкиот херој за свој.„Властите официјално статуата, дизајнирана од скулптурата Валентина Стевановска, ја нарекоа ’Воин на коњ’ како обид да ги спречат грчките противења, но ликот открива бројни сличности со античкиот лидер. И Македонија и Грција тврдат дека Александар Велики е нивен“, пишува „Хералд Сан“, повикувајќи се на агенцијата AFP.Грчко-македонските односи не се одминати ниту во веста на агенцијата Associated Press за поставањето на споменикот. Под наслов „Предизвикувајќи ја Грција, Македонија почна со поставување на огромна статуа на Александар Велики“, пишува за недоразбирањата меѓу двете земји поврзани со античкиот војсководец.„Атина го обвинува својот сосед за создавање лажна врска со нејзиното античко наследство и бара од поранешната југословенска република да го промени своето име со цел да не имплицира територијални барања врз нејзиниот северен и поголем регион Македонија“, јавува AP.Веста за поставувањето на споменикот се најде и во бројни медиуми од блиското и поширокото соседство на Македонија.