Осудениот гинеколог Дамчевски избегал од Македонија

Николче Дамчевски, гинекологот кој девет месеци лажеше пациентка дека е бремена избегал од Македонија.

Наместо да оди на издржување на казна затвор во траење од две години, пресуда која е извршна, тој им избегал на македонските правосудни органи. Освен казната затвор која Апелациониот суд ја потврди и ја зголеми од 1, 6 месеци на 2 години, Дамчевски има и забрана за вршење на дејноста во траење од 8 години, објави порталот НОВА.

Додека македонските правосудни органи и МВР се уште проверуваат каде е, НОВА го пронајде во Бугарија каде слободно работи како гинеколог во државниот Медицински центар „Мајчин дом“.

Таму Дамчевски слободно закажува термини и прегледува и лекува пациентки.

И покрај тоа што Лекарската комора на РМ, му ја одзема лиценцата за работа, тој успеал да се вработи вработи како гинеколог-акушер во една од најзначајните здравствени установи во Софија, Медицински центар за мајчинство со амбулантска медицинска нега, каде се нудат консултации со специјалисти од Универзитетската болница “Мајчин дом ” и доколку е потребно се упатува на болничко лекување во Универзитетската болница.