Осуден за кражба на ќебапи избегал од затворот „Идризово“

Велешанецот Петре Караманов кој е осуден на три години затвор за кражба на ќебапи избегал од затвор, дознава „Независен весник“ и му останале уште неколку години за да ја одлежи казната.

Според официјалните податоци од Управата за извршување на санкции, Караманов издржувал казна затвор во затворот во „Идризово“ за разбојништво и тешка кражба, за што бил осуден на шест години и еден месец затворска казна, што значи Караманов бил осуден и за други кражби и разбојништва, а не само за ќебапите. Последно во затвор влегол на 2 декември 2014 година, но на 4 април 2017 година го пуштиле на домашно отсуство и не се вратил повеќе. Според информациите од затворот во Шутка, Караманов бил таму во притвор за разбојништва во 2002 и 2014 година, додека во 2010 година пет месеци бил во затвор за кражба на моторно возило. Сепак, од велешкиот суд не успеавме да добиеме информација колку точно пресуди имало против него и за што сè е осуден, но оставија простор за увид во сите предмети што се водат против него.

И кога ја ограбил кафеаната на автобуската станица во Велес, од каде што ги украл ќебапите, се наоѓал на отслужување на казна затвор за друго дело. Според неофицијални информации од велешкиот суд, против него биле изрекувани мерки уште кога бил малолетник. Иако овој случај во јавноста одекна како неправда кон граѓанинот, сепак пресудата не била само за 150 ќебапи. Караманов украл сè што имало во кафеаната и го оставил сопственикот без стока за продавање. За кривичното дело била предвидена затворска казна од три до пет години, а нему му била досудена најниската затворска казна, ценејќи ги сите олеснителни и отежнителни околности. Сепак, ова е само една приказна за велешанец кој речиси цел живот крадел и го поминал во затвор, но наспроти амнестијата што ја добиваат единствено политичарите и која покажува дека правдата не е еднаква за сите. Законот за амнестија кој беше изгласан во Собранието ги преполови обвинетите за упадот во него, а самата обвинителка која го водеше овој случај, Вилма Русковска, вели дека судството за едни е мајка, а за други е маќеа.

„Тоа најдобро може да се види од последните случувања кога на барање на судот не беше одземен пратеничкиот имунитет на пратеникот Љупчо Димовски за предметот што го води обвинителството за проневерите во Министерството за земјоделството. Дури не беше ставено ниту на седница за гласање, иако комисијата даде позитивно мислење. Исто така барањето за одземањето на имунитетот на Трајко Вељаноски беше на седница на Собранието, но се спречи гласањето. На Стевче Јакимовски му беше изречен куќен притвор, а човекот осуден на кражба за ќебапчиња сигурно уште е во затвор. Сметам, дека не законот, не судот, не обвинителството, туку законодавниот дом, пред сè, така се однесува кон граѓаните“, изјави Русковска во едно од телевизиските гостувања.

Сепак, овој случај останува да виси како еден апсурд на нашето правосудството. Министерката за правда, Рената Треневска-Дескоска во едно од интервјуата за „Независен весник“ најави дека ќе се прават измени во Кривичниот законик.

„Мислам дека треба да се усогласи казнената политика, затоа што досега, како што си допишувале, во различни закони има различна невоедначена казнена политика. За некои дела има престроги казни, за некои дела има поблаги казни, мислам дека тоа треба еднаш засекогаш да се реши на начин на кој секој граѓанин ќе знае кое дејствие му е прецизно оценето и забрането и потоа точно да се знае колкава ќе биде казната и таа казна да биде соодветна на општественото зло и во однос на другите казнени дела. Затоа имаме парадоксални ситуации, луѓе за не толку сериозни кривични дела се осудуваат на големи казни. Тој пример со ќебапите е банален случај кој покажува дека треба да се преиспита казнената политика“, изјави Треневска-Дескоска.