Оставки на Спасовски и Бочварски и вонредна контрола на сите автобуси и технички прегледи во државата, бараат од ВМРО-ДПМНЕ

По големата трагедија во која животот го загубија 44 патници од земјава, ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност и оставки на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

На денешната прес-конференција пратеникот од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Миле Лефков изрази жалење за несреќата и сочуство до семејствата на загинатите. 

-Сосема свесно цели три дена, додека траеа прогласените денови на жалост, не излегувавме со оценки во јавноста, со цел истите да не бидат сфатени како внесување на политика во целиот овој процес. Ние ќе продолжиме така и да се однесуваме, но воедно нема да премолчиме за очигледните пропусти, недоречености и барањето на одговорност за страшната несреќа, изјави Лефков.

-Зошто овие луѓе барем не понудија оставка поради морални причини. Очигледно не е само Филипче е со образ ѓон, туку цела влада е таква. Најмалку нешто што може да го направат е оставки на Спасовски и Бочварски од морални причини, порача тој.