Сигурно сите дома имате место на кое ги оставате работите кои еден ден ќе ви затребаат. Можеби тоа е таванот, оставата или подрумот... можеби тоа е еден шкаф кој не сакате ни да го отворите, а можеби тоа е некоја фиока во која имате предмети за кои не ни знаете веќе за што служат...
Можеби така имате и некоја стара болна приказна од која не сакате да се ослободите. Минатото треба да остане таму каде што е. Никој за еден ден не може да се реши од сѐ што повеќе не му е потребно. Ако секој ден фрламе или подаруваме барем по еден предмет што не ни е потребен, ќе се чувствуваме полесно. Така е и со случувањата од минатото. Кога ќе научиме да го отфрламе товарот од плеќите, ќе се исправиме за нови позитивни предизвици! Велат дека со секој нов предмет кој ќе го внесеме во шкафот треба да исфрлиме еден стар. Секако, секој го бира темпото и времето на своето чистење...
Можеби ве оптоваруваат некои односи или работата што ја работите... набројте ги луѓето со кои поминувате најмногу време (директен контакт, на телефон или на социјалните мрежи). Ако ви се допаѓа листата, уживајте и понатаму. А ако сакате да тргнете некој од неа, тогаш зошто не го направите тоа? Поради некое минато... од минатото треба да се учи, а не минатото да се влече со себе. Замислете кога некој би ви ги натоварил на грб сите книги што сте ги прочитале од почетокот на вашето школување до сега. Секако, тоа звучи смешно, но така е и со старите товари... Од книгите сте го земале она што вам најмногу ви треба, а останатото сте го заборавиле. И од минатото треба да учите, затоа што смислата и е во тоа да „пораснеме“.
Погледнете ги само децата или куќните миленици кога ќе се разбудат. Си играат, гледаат околу себе, наоѓаат убавина и изненадувања во сите секојдневни ситуации. Секоја ситница ги интересира и лесно се посветуваат на играта и на забавата. Немаат потешкотии со минатото, со досада, со предвидувања лоши работи и со размислувања за луѓето кои ќе се сретнат дента.
Децата се такви се додека возрасните не им објаснат што можат да очекуваат од животот или додека едноставно не видат како другите се однесуваат. Тогаш настануваат задршките, стравовите и бројните недоумици околу тоа кои сме и како функционираме надвор од дома. На работа, често се среќаваме со луѓе кои немаат самодоверба, оние кои стравуваат од јавен настап и презентација на своите идеи, оние кои не можат да се носат со лошата комуникација во тимовите или не можат да се изборат за успешна презентација на своите достигнувања и резултати, па со тоа не се ни соодветно наградени.
Кога треба некого да утешите или да му кажете неколку зборови во знак на поддршка, често вистинските зборови сами ви доаѓаат и ви се чини дека од вас зборува некоја друга личност која за себе ги нема истите совети. Ако пишувате зборови за поддршка, кога ќе прочитате за некој ден, нема да ви се верува дека вие сте ги напишале. Тогаш имате поддршка одвнатре затоа што тие зборови доаѓаат од мудриот дел на вашиот ум кој точно знае што е вистина и што е она што треба да се каже во тој момент. Сепак, после тоа пак почнуваме да рационализираме, да објаснуваме и да бараме причини да не го послушаме сопствениот совет. Некои ќе кажат дека не очекуваат животот да им функционира по тие принципи. Но, како тогаш дојдовте на идеја да им кажете такво нешто на другите? Сите знаеме дека во себе носиме голема мудрост и можеме да реализираме големи проекти и да напредуваме повеќе доколку би го слушале тивкиот глас кој доаѓа од длабочината на нашата душа и ум.
Токму затоа служи личниот развој и работата на себе. Преку личниот развој дознаваме кои сме всушност и подобро се запознаваме себе си, учиме како да се носиме со различни животни ситуации и учиме да ја послушаме внатрешната мудрост. Кога ќе запнете и повеќе нема да знаете каде сте во својата кариера или на работа, клучно е да се сетите дека сето тоа е процес на учење и развој и дека веројатно сте пред некоја поголема пресвртница во животот. Многумина за ова не размнислуваат на овој начин и се трудат да ја задржат старата ситуација. Колку и да се трудат, не е можно да стоиш во место. Во животот секогаш напредуваме, само ни се чини дека стоиме или одиме наназад. Тоа е поради чувството дека ништо не се случува затоа што ништо не преземаме и „возиме под рачна“. Кога доволно ќе зацврснеме, промените со сигурност ќе се случат, но никогаш пред навистина да бидеме подготвени. Внатрешната мудрост е единствениот компас кој може да ни покаже како правилно да се водиме да го живееме сопствениот живот.