
Од вчера до 11 октомври, Министерството за внатрешни работи спроведува засилени сообраќајни контроли во рамки на меѓународната кампања на ROADPOL „Focus on the Road“, насочена кон непрописната употреба на мобилни телефони, слушалки и други електронски уреди за време на учество во сообраќајот.
Кампањата истовремено се реализира во 34 европски држави, со заедничка цел – намалување на ризиците предизвикани од одвлечено внимание и зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Од МВР предупредуваат дека користењето мобилен телефон додека се управува возило може да има сериозни последици.
„Пишувањето пораки, телефонските разговори, проверувањето известувања или користењето социјални мрежи додека управуваме возило го одвлекуваат вниманието од патот. Доволни се само неколку секунди невнимание за возачот да пропушти навреме да забележи опасност и да реагира“, велат од МВР.
Од Министерството апелираат до сите учесници во сообраќајот да бидат одговорни и целосно фокусирани на патот.
„Не дозволувајте еден поглед кон екранот да биде причина за сообраќајна трагедија. Возете внимателно – гледајте го патот. Телефонот оставете го за подоцна“, порачуваат од МВР.