
Цените на нафтата бележат остар пад откако се појавија сигнали дека САД и Иран би можеле да ги продолжат преговорите во наредниот период.
Северноморската нафта Brent поевтини за повеќе од 4,3 проценти, достигнувајќи околу 95 долари за барел, додека американската WTI забележа уште поголем пад, за речиси 7 проценти, на под 92 долари за барел, покажуваат податоците на Trading Economics.
Во тек се разговори за организирање нова рунда преговори пред истекот на двонеделното примирје, а според дел од извештаите, тие би можеле да се одржат во Пакистан.
Претходните разговори, кои траеја во текот на викендот, не резултираа со договор, по што американскиот претседател Доналд Трамп најави блокада на иранскиот извоз на нафта.
Во меѓувреме, Саудиска Арабија ги повика САД да ја укинат блокадата и да се вратат на дипломатско решение.
Дополнително, Меѓународната агенција за енергија предупреди дека конфликтот може да го избрише растот на глобалната побарувачка за нафта оваа година, што би значело прв годишен пад од времето на пандемијата. Од агенцијата посочуваат дека цените сè уште не го одразуваат целосниот обем на нарушувањата.
Воениот конфликт веќе ја оштети енергетската инфраструктура и сериозно го ограничи сообраќајот низ Ормускиот теснец, додека податоците на ОПЕК+ покажуваат дека производството во март се намалило за 7,9 милиони барели дневно.
Развојот на ситуацијата на Блискиот Исток и понатаму ќе има значително влијание врз глобалните енергетски пазари.