Останува препознатливиот изглед на Универзална сала, реконструкцијата почнува во мај

Во мај ќе започне реконструкција на објектот на Универзалната сала, но нема да биде нарушен, ниту изменет препознатливиот изглед, беше потврдено на прес-конференцијата на Заев и Шилегов. 

Град Скопје денеска најави почеток на реконструкцијата на Универзалната сала во Скопје. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов рече дека објектот ќе се реконструира во постојниот изглед и габарит и очекува градежните работи да почнат во мај. За оваа цел, Владата има издвоено 120 милиони денари. 

„На мое и општо големо задоволство промовираме проект за реконструкција на Универзална сала. Од буџетот се издвоени 120 милиони денари. Универзална беше, е и очигледно останува омилена културна институција на многумина скопјани. За мене тоа е доволна причина и мотив за повторно отворање на нејзините врати. Ќе биде реконструирана во постојниот габарит задржувајќи го својот автентичен изглед“, објасни градоначалникот Шилегов. 

Во првата фаза ќе се реконструира надворешниот изглед на објектот, а во втората фаза ќе се уредува ентериерот, потврди архитектот Бујар Муча од архитектонското биро „Мегарон“.