Основците во Гази Баба добија нови бесплатни училишни униформи

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски информираше дека денеска бил во основното училиште „Стив Наумов“, каде што ги поделиле новите училишни униформи кои бесплатно ги добиваат сите ученици на територија на општината.

„Од 2023 година, кога за првпат го воведовме овој проект во општина Гази Баба, па до денес, една идеја ја претворивме во традиција која секоја година носи радост кај децата и семејствата. Идејата е едноставна – кога децата ќе застанат едно до друго, да нема разлики! Да има еднаквост, да има припадност, да има чувство дека училиштето е место каде сите имаат еднаква вредност и еднаква шанса“, истакна Стефковски.

Тој нагласи дека униформата е многу повеќе од парче облека, како што вели, таа е порака дека секое дете е важно, секое дете заслужува еднакви услови и секое дете заслужува можност да го оствари својот потенцијал.

„Образованието е наш приоритет и затоа продолжуваме да инвестираме во нашите училишта, во подобри услови за учење и пред сè – во нашите деца. За родителите, секоја инвестиција во образованието е инвестиција во нивната најголема вредност – нивните деца“, порача градоначалникот.