Основците од Карпош шести на училишната евровизија

Со преработка на песната „Признавам“ од Маријана и Росана, основците од „Петар Поп Арсов“ од скопски Карпош го освоија шестото место на годинашната училишна евровизија – (Etwinning Schoolvision 2017), во конкуренција од 33 земји од европскиот континент.

Оваа манифестација се одржува по деветти пат, а ООУ „Петар Поп Арсов“ во своето дебитантско учество го оствари досега најдобриот успех од сите македонски претставници кои учествувале на училишната европска музичка сцена.

Проектот (Etwinning Schoolvision 2017) (училишна евровизија) е реализиран преку националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

Како што информираат од општина Карпош, под менторство на просветните работници Олгица Бајалџиева, (како Etwinning амбасадор) и наставникот по музичко образование, Дејан Миленковски, учениците работеа на проектот цели три месеци.

– Тие, посветено се ангажираа околу вокалната и инструменталната интерпретација на децата, снимањето на композицијата и идеите за видео записот. Целта на проектот е учениците да ја претстават својата земја преку фолклорот и музиката и воодно да се запознаат со културните обележја на другите европски земји. Целата комуникација како и подготовките на сите земји се одвиваше преку интернет и социјалните мрежи, соопшти општина Карпош.

Оттаму појаснуваат дека снимените видео записи од секоја земја требаше да се прикачат на официјалната страна на Schoolvision 2017 најкасно до 5 мај, а потоа следеше гласањето кое траеше до 11 мај. На 12 мај преку веб конференција, беа објавени конечните резултати и победникот на Schoolvision 2017 (Шпанија), доби трофеј, специјално нарачан и испечатен со името на училиштето.