Основците и од овој септември ќе учат по старите наставни програми

Олеснетата наставна програма што требаше да се спроведе како пилот-рпоект барем во неколку училишта од септември, најверојатно паѓа во вода за следната учебна година, поради ригидноста во процедурите.додека не се донесе нов закон за основното образование, пишува Фактор

Основците ќе учат по старите наставни програми, иако работната група што го подготвува законот соопштувајќи ги во јануари ревидираните наставни планови за прво одделение  имаше очекување дека тие ќе бидат применети во барем  неколку пилот-училишта од овој септември.

По првата верзија, работната група во МОН сега подготвува и втора верзија на новиот закон која повторно ќе биде ставена за сугестии и забелешки на електронскиот регистар на прописи ЕНЕР.

Арбер Адеми денеска на прес-конференција по повод еден месец од преземањето на функцијата министер за образование и наука рече дека интензивно се работи на реформите и донесување на законот, но дека тој е комплексен и треба да се состави внимателно и во интерес и на учениците, и на наставниците. За да се најде најдобро решение, рече, вклучуваат  екперти од релевантни институции и од меѓународни организации.

– Кога се работи за крупни законски решенија, не треба да се брза, затоа што сме виделе усвојување закони, а потоа многу бргу измени и дополнувања на тие закони. Се работи за многу значаен закон и затоа треба да се најде најдобро решение. Се работи за креирање квалитетен воспитно-образовен систем за иднината на нашите деца. Во однос на пилотирањето на плановите, тогаш кога ќе сметаме дека една реформа функционира и ќе биде продуктивна, неа и ќе ја примениме, рече Адеми.

На почетокот на годинава работната група заедно со тогашната министерка Рената Дескоска презентираше ревидирани наставни планови и програми за прво одделение, кои предвидуваа помалку (шест) предмети, најмногу четири часови дневно и одмори со слободни активности и игри, за да се овозможи блага транзиција на првачињата од семејствата или градинките кон училиштата. Со усвојувањето и примената на новите наставни планови беше предвидено да престане и важењето на наставната Кембриџ-програма.