Основци од Центар денеска беа во посета на „Лајка“

По повод 4. Април - Светскиот ден на бездомните животни денеска во ЈП Лајка во посета беа учениците од основното училиште „11 Октомври“ од општина Центар.

-Со овој настан од едукативен карактер, а преку дружба со кучињата од нашето прифатилиште ЈП Лајка цели да придонесе во создавањето на одговорни и хумани граѓани, одговорно и хумано општество за сите и да ја подигне свеста за вдомување наспроти купување на домашен миленик, велат од Лајка. 

Учениците имаа можност да се запознаат со работните процеси на јавното претпријатие.

-Целта на овој настан е ја подигнеме свеста за бездомните кучиња и да докажеме и покажеме, дека и тие исто можат да бидат домашни миленици, да научиме да живееме заедно и да се грижиме повеќе за нив, со надеж за иднина во која ќе немаме бездомни и напуштени животни, информираат од Лајка. 

Во наредните денови активноста ќе продолжи и со ученици од општина Аеродром и останатите скопски општини.

Од Лајка се заблагодарија на наставниците и дечињата од училиштата кои изразија интерест и желба да бидат дел од  хуманата мисија.

-И особена благодарност до ЈСП кои со задоволство ни излегоа во пресрет и го поддржаа нашиот настан со превезување на учениците, велат од Лајка.