Осмомартовски туристички понуди: Во соседна Србија за околу 150 евра, низ Европа минимум 500 евра

Туристичките агенции веќе пред повеќе од месец ги објавија аранжманите за патувањата по повод Денот на жената – Осми март. Програми има за сечиј вкус и џеб.

Најевтино ќе поминете доколку се одлучите за еднодневно или дводневно патување во некоја од соседните земји. Туристичките агенции нудат дводневни понуди за соседна Србија, кои чинат од 120-200 евра, а опфаќаат различни програми. 

Обично во понудите со оваа цена се вклучени превозот, едно ноќевање со појадок, сместување во СПА-хотел, туристички водич...Но, дополнителен трошок се влезниците за во културно-искориските споменици, храната, кафе-прошетките, шопингот, осигурувањето...

Евтини понуди има и за во соседна Грција и за во Босна и Херцеговина. Но, оние кои ги одбираат овие понуди, велат дека дополнителен трошок им се влезниците за локациите кои се препознатлив туристички белег за тие места, па така имаат плус 50-100 евра трошок само за тоа.

За ние кои сакаат да прошетаат низ европските метрополи цените се повисоки. Иако програмите се движат од 130 евра па нагоре, туристите велат дека едно патување во Виена, Истанбул, Будимпешта, Барселона, Прага или некаде во Италија нема да помине без 500-600 евра по лице.

-Минатата година бев во Прага во пресрет на празникот. Да, понудата од туристичката агенција беше 140 евра за 4 дена, од кои речиси два ги минавме во автобус, но тоа е само превозот и сместувањето. Дополнително, се трошат пари на храна, кафе... Крастарењето чини 30 евра, потоа влезници за дел од музеите, културно-историските споменици, вечера со гастрономските специјалитети, вели една скопјанка.

-Кога на тоа ќе се додадат и пари за осигурувањето, пари за туристичка такса, се на се не е евтино за неколку дена и тоа со автобуски превоз, но сепак кога сте решени и имате желба, вреди! Сепак секој ден не се патува во Виена, Прага, Венеција..., додава таа.

-Виена, Будимпешта, Истанбул, Прага, Барселона, Рим, Венеција се најбарани дестинации во пресрет на празникот на жената, велат туристичките работници. Додаваат дека имаат најразлични програми, а излетите на дел од локациите се факултативни, односно не се задолжителни и секој може да одбере, соодветно на желбите и можностите, што ќе посети.