Османи: Очекуваме јасна одлука за почнување преговори со ЕУ

Очекуваме јасна одлука за отпочнување на преговори со ЕУ, затоа што ова е единствениот правилен епилог на овој процес којшто не се засновал на политички премостувања.

Ова го истакна вицепремиерот Бујар Османи на денешната седница на Националниот совет за евроинтеграции.

Тој посочи дека очите на 20 милиони жители од Западен Балкан се насочени кон Брисел и очекуваат каков одговор ќе добие Северна Македонија и дали ЕУ ќе го одржи зборот за да се сочува перспективата на оваа земја.

– Граѓаните на Косово очекуваат каков одговор ќе добие Северна Македонија и да видат дали се исплати да пристапат на дијалог за компромис со Србија, а очите на осум милиони граѓани од Србија се насочени кон Брисел да видат каков одговор ќе добие Северна Македонија, рече Османи.

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Никола Попоски посочи дека за датум не одлучуваме ние, туку 27 односно 28 земји членки бидејќи Велика Британија е се уште дел од ЕУ.

– Членки во ЕУ ќе станеме кога ќе се приближиме толку до европските стандарди што за нив ќе биде од прилика сеедно дали сме влегле или не. И мислам дека тој ќе биде главниот критериум по кој ќе се случуваат следните проширувања, рече Попоски.