Османи очекува предвремени парламентарни избори напролет

Потпретседателот на ДУИ и поранечен министер, Бујар Османи истакна дека неговата партија бара предвремени избори и дека тоа може да се случи веќе следната пролет. 

„Да, бараме предвремени парламентарни избори. Нормално, во различни форми се комуницирало и со ВМРО-ДПМНЕ. Нема некој голем отпор во таа насока и очекуваме дека некаде следната пролет ќе има предвремени избори. И, ние се подготвуваме за тоа“, изјави синоќа за ТВ21, Османи, одговарајќи на прашањето дали од неговата партија разговарале со некој од ВМРО-ДПМНЕ и дали постои согласност за предвремени парламентарни избори.

Според Османи, комуникација меѓу политичките партии веќе имало во различни форми, а неговата проценка е дека кај ВМРО-ДПМНЕ нема голем отпор кон можноста за предвремено парламентарно гласање.