Османи: Македонија е подготвена за старт на преговорите уште веднаш

Висепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, денеска на Универзитетот „Мајка Тереза“ - Скопје беше дел од симулацијата на состанок на Европскиот совет што ја организираа и изведоа студентите. На овој „состанок“ Советот донесе одлука со која на Република Северна Македонија ѝ се додели датум за почеток на преговорите со Европската унија.

„Ми претставува огромно задоволство на денешната симулација на Европскиот Совет организирана од страна на студентите, како состанок-Самит на кој ѝ се доделува на Република Северна Македонија датум за почеток на преговорите, да ги бранам позициите на земјава и да образложам пред студентите-шефови на држави и влади на земјите-членки на Унијата, зошто треба и зошто Северна Македонија заслужува одлука за почеток на преговорите со ЕУ“, изјави Османи.

Македонија, како што рече, е подготвена за старт на преговорите уште веднаш, бидејќи имаме сериозен напредок во сите области наведени во заклучоците на Самитот на ЕУ од минатата година, а реформите почнаа да вродуваат и со плод.

„Имаме исклучителен политички напредок преку Договорот од Преспа, Договорот со Бугарија, но и од аспект на внатрешната кохезија создадена со Законот за јазици, успешно избраниот консензуален кандидат за претседател, Стево Пендаровски, но и многу други успеси на земјава“, додаде Османи.

Одлука од Европскиот совет за почеток на преговори би била потврда на целокупниот напредок, фер однос и на ЕУ и на земјите-членки кон сопствените ветувања, но истовремено и поттик и за останатите земји од регионот, дека е потребен искрен и автентичен напредок и дека истиот се цени и соодветно се валоризира.

На денешниот настан Османи го претстави и проектот „Со европско знаење до европската престолнина“, конкурс наменет за студентите по општествени науки при државните универзитети, кој е во тек и кој има цел да ја доближи атмосферата и активностите врзани за европските интеграции, како и обврските на нашата земја на патот кон членството во ЕУ. Во рамките на проектот, како што кажа, студентите на општествените науки при државните универзитети, преку учеството на конкурсот со изработка на есеи, имаат можност да го покажат своето европско знаење, а најдобрите 12 ќе добијат шанса да ја почувствуваат атмосферата во Брисел, преку тридневна студиска посета на европската престолнина, каде што ќе имаат прилика да ги посетат клучните институции на ЕУ, како и да се запознаат со начинот на нивната работа.

Air Jordan XI 11 Shoes