Лажна вест е информацијата за моја смена и таа не заслужува никаков коментар, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи во однос на наводната понуда за негово разрешување од министерската функција.
На прашањето за отвореното писмо од група членови на ДУИ, Бујар Османи истакна дека во партијата имало големо ниво на демократија и секој може да го каже својот став, но дека последниот збор го има лидерот Али Ахмети.
– Со вчерашната изјава на Ахмети, мислам дека тука е завршена таа приказна, ДУИ е стабилна политичка структура, не очекуваме никаков понатамошен развој на настаните - изјави Османи.
Дваесетина незадоволни членови на ДУИ, меѓу кои и Муса Џафери, Изет Меџити, Невзат Бејта, Блерим Беџети и Висат Ганиу, во отворено писмо побараа внатрепартиска дебата за да се надмине состојбата и го повикаа лидерот на партијата Ахмети да го искористи својот политички и статутарен авторитет за да се најде решение за зачувување на партиското единство. За состојбите во партијата тие го обвинија Артан Груби.
Според објавата на телевизијата ТВ21, за да се смират незадоволните членови од ДУИ, наводно било предложено Османи да биде сменет од функцијата министер, но дека тие го одбиле предлогот наведувајќи дека проблемот е Груби и дел од другите министри.
Ахмети вчера во Тетово изјави дека ДУИ може да функционира без било кој поединец затоа што има стабилни структури.