Ослободителна пресуда за Зоран Јованов - таткото на Васил кој смртно ја прегази Кулакова на „Партизанска“

Основниот кривичен суд Скопје донесе ослободителна пресуда за Зоран Јованов – таткото на осудениот Васил Јованов кој всушност е сопственик на возилото со кое беше предизвикана кобната сообраќајна несреќа на булеварот „Партизански одреди“, а во која животот го загуби Фросина Кулакова.

Против Зоран Јованов се водеше постапка за кривично дело „Загрозување на безбедноста на сообраќајот“.

По анализа на доказите, судот оцени дека дејствијата за кои тој се товареше не ги содржат законските обележја на ова дело.

„Согласно образложението на пресудата, судот оцени дека кривична одговорност не може да се заснова врз самата околност што обвинетиот е сопственик на возилото и што неговиот полнолетен син управувал со тоа возило без возачка дозвола. Законодавецот ваквото однесување изречно го регулирал и санкционирал како прекршок во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, а судот не може преку проширено толкување на кривичниот закон да создава нови облици на кривична одговорност кои законодавецот не ги предвидел.

Повторувањето на едно прекршочно однесување, само по себе, не го претвора во кривично дело. Бројот на прекршоците не може да создаде нов правен квалитет на дејствие доколку не се исполнети законските обележја на конкретното кривично дело.

Во конкретниот случај, непосреден извор на опасност и непосреден причинител на настанатата последица е полнолетниот возач како самостоен учесник во сообраќајот. Кривичното право почива врз начелото на лична и индивидуална одговорност, поради што последиците од самостојното постапување на едно полнолетно лице не можат автоматски да му се припишат на друго лице само поради роднинска врска или поради сопственост на возилото.

Против оваа пресуда странките имаат право на жалба пред второстепениот суд“ соопштија попладнево од Кривичен.