Осамените девојчиња мечтаат повеќе од останатите...

Не сакам да ви се допаднам вам,
Му се допаднав нему
И ништо друго не ми е важно.

Сакам само да пишувам до утре. 

Низ песните подобро да се запознаам себеси
Низ песните подобро да ме запознаете,
Но вам секако не ви е грижа,
и поради тие факти светот непроменливо дише. 

Да бидеш единствено дете во семејството,
Не значи да бидеш самодоволен
Не значи да бидеш препотентен,
Не значи да прескокнуваш преку туѓи соништа.
Но, кому е грижа за тоа?
Разгаленоста веројатно е алфа аргумент
И ќе си ја закачам над креветот.

Да бидеш сам, значи токму тоа -
Да бидеш сам.
И ништо повеќе. 

Осамените девојчиња
Имаат измислени браќа,
Тие браќа личат на суперхерои,
Имаат големо „С“ под сакото
И името на сестрата
Изгравирано на чело.

Осамените девојчиња
Имаат измислени сестри
Кои со машнички им врзуваат плетенки
И им читаат бајки кога паѓа дожд. 

Тие пак, со нив споделуваат
Кроасан на пола,
Собата на пола,
Родителите на пола
А потоа пораснуваат
И повторно (о)стануваат
Сами.
Да пораснеш, значи тажно да сфатиш
Дека браќата не се суперхерои
А сестрите јадат кришум.
Плачам над вашите дождливи денови
И пакувам подарок
Барем еден сопствен.
А вие тоа сигурно не би го сакале.
Тоа што не сакам вам да ви се допаднам
Е видливо и без очила.
Бодликаво како кактус
И јас нема, ама баш ништо со тоа. 

Допаѓањата за мене се спонтана работа
Не би се тркала за нив. 

Тоа што не се знаеме
Не ме спречува
Да ве сакам.

  • Теодора Кошарац.