„Орка Холдинг“ го донира на Град Скопје пешачкиот мост кај „Аџибадем Систина“

Град Скопје ќе ја прими донацијата на компаниајта „Орка Холдинг АД Скопје“ во пешачки мост над реката Вардар кај болницата „Аџибадем систина“. Станува збор за донација во вредност од 904.000 евра, пишува Фокус.

Со ова Град Скопје ја презема обврска за комплетно одржување на мостот како и негов упис во катастарот на недвижности. Со изградбата на еден таков мост, велат од Градот, значително ќе се оформи и ќе се разуби тој дел од Општина Карпош.

„Основна цел на проектот е воспоставување на пешачка врска помеѓу левиот и десниот брег на реката Вардар во тој дел на Општина Карпош, со што значително ќе се унапреди квалитетот на живеење на граѓаните од општината, но и на целиот град“, стои во одлуката на Градот за примање донација, предложена до градското собрание од градоначалникот Петре Шилегов.