Оригинални патики, ранец, најскап училишен прибор - родителите се натпреваруваат чие дете ќе биде поскапо облечено

Учебната година започна вчера. Многу ученици седнаа во училишните клупи и се спремни да одат за еден степен повисоко  во животот.

Од секогаш родителите давале важност на овој прв училишен ден, но со текот на времето од година на година тоа станува на некое повисоко ниво.

Оригинални патики, ранец, најскап училишен прибор... Родителите почнаа да се натпреваруваат чие дете ќе биде поскапо облечено, не знаејќи дека тие се уште се деца, и дека тоа што ќе носат денеска скапи патики, нема ништо да им смени утре во животот. На децата им е потребно нешто многу повеќе од скапа и луксузна гардероба.

На тој начин, помеѓу децата се прави љубомора и завист. Обично оние кои немаат гледаат од тие што имаат, а се случува и често да бидат исмејувани од врсниците, ако пример на себе имаат обични патики или пак стар ранец од своите брат или сестра.Се случува тие што имаат повеќе не сакаат да се дружат со оние кои имаат помалку, да ги избегнуваат и така уште на почетокот да се прават поделби.

Уште од самото тргнување на училиште, уште од прво одделение децата со себе носат скапи и модерни телефони. Не се оставаат да уживаат и да се дружат со другарчињата за време на одморите, како што тоа беше во минатото, туку за време на секоја пауза се искористува времето да се провери што има ново на телефонот.

Додека некои деца одат пешки за да дојдат на време на училиште, или пак го користат јавниот превоз, некои се возат со луксузни автомобили.

Сето тоа не е лошо, секој родител се мачи за своето дете, но на тој начин несвесно правиме од нашите деца нешто што не се. Несвесно не им дозволуваме да уживаат во прекрасните години, во најубавиот период од животот.

Љубовта, топлината, поминати незаборавни моменти со нив, многу другарчиња, детски лудории, тоа е она што сега им е потребно на децата, на тоа ќе се сеќаваат и тоа ќе го раскажуваат во животот кој доаѓа, а не на скапите работи кои им ги купуваме секој ден.