
Професорката Светлана Мојсов денеска ќе биде одликувана со Орден „8 Септември“ за нејзиниот извонреден придонес во биохемијата и светската наука.
Орденот ќе ѝ биде врачен во Вила Водно од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Мојсов, заедно со научниците Џоел Хабенер и Лоте Бјере Кнудсен, во изминатите две години доби повеќе значајни научни признанија за придонесот во истражувањето и развојот на пептидот GLP-1, кој има важна улога во современиот третман на дијабетес тип 2 и лекувањето на дебелината.
Светлана Мојсов е родена во Скопје во 1947 година. Таа е ќерка на дипломатот и државник Лазар Мојсов. Студиите по физичка хемија ги завршила на Природно-математичкиот факултет во Белград, а докторирала на Универзитетот „Рокфелер“ во 1972 година, каде што ја продолжила научната кариера.