Опушти се, прифати ги работите – сѐ ќе биде во ред...

Знам дека можеби не е момент да се каже ова, но јас навистина уживам во оваа т.н изолација. Толку ми е убаво што понекогаш ми е срам што е така, но и сакам да трае што подолго. Секако, не сакам да биде така среде оваа глобална здравствена и економска криза, но мене ми годи ова успорено темпо. 

Долго посакував ваков начин на живот. Копнеев наутро да се будам без будилник, да не се грабам за телефонот, да не комуницирам со 100 луѓе во денот и да се одморам – и физички и психички. Да бидам своја. Да, веројатно сето тоа ќе се случеше и без пандемијава, но го искористив ова време за да се посветам на себеси и го искористувам до максимум. 

Дали во меѓувреме научив нов јазик? Не.
Дали завршив некаков курс? Не.
Дали го преуредив станот? Не.
Дали положив некој испит, прочитав 10 книги или нешто слично? Не. 

Па зошто тогаш сум толку горда на себе? Фактот дека го смирив и духот и телото и ги слушам повеќе од кога било. Добив шанса да се слушнам себеси, да ги ставам сите други работи на пауза. Ако нешто сакам, тоа и го правам (се разбира, во рамките на домот, не излегувам, согласно на препораките). Ако ми се спие – спијам. Ако ми се плаче – плачам. 

Мислев дека повеќе ќе плачам и полошо ќе се чувствувам, но тоа не се случи. Да, ми недостасуваат тренинзите и некои луѓе, како и непреченото движење без колективна параноја, но тоа наскоро ќе се врати. А некои други работи нема никогаш да се вратат.

Не знам дали се свесни луѓето за тоа, но нормалното повеќе не постои, а и не верувам дека некогашниот живот некогаш ќе се врати. Навистина нема. Не велам дека ќе биде подобро или полошо, но ќе биде (и веќе е) поинаков. Од нас зависи каков живот ќе изградиме. Немам поим што ќе направам со времето што ми е дадено. Можеби и ќе научам нов јазик. Или барем ќе се обидам да научам. Можеби ќе напишам книга. Можеби ќе се здебелам, а можеби и ќе ослабам. Можеби ќе започнам нов бизнис. А можеби нема да направам ништо од горенаведеното. 

Можеби сосема ќе ја скратам косата или ќе ја офарбам. Не сум го направила досега ниту едното, ниту другото. Но, не се грижам. Ако нешто сфатив периодов, тоа е дека нема поента да се замарам со неважни работи. Замисли, се грижиш околу сѐ и сешто и ете, во неколку денови сето тоа ти е одземено и целосно променето, можеби не засекогаш, но привремено мораш да го трпиш влијанието на надворешни фактори. 

И тоа единственото нешто што е важно во сето ова. Да останеме цврсти во главата, да се потрудиме да го зачуваме здравиот разум, а ако не ни оди, да побараме помош (има и онлајн начини, за среќа), да не се откажуваме затоа што сѐ е на пауза, да не се лутиме на себеси затоа што лежиме и спиеме. И тоа е во ред, телото и главата го сакаат тоа, а сега повеќе отколку порано, бидејќи веројатно тоа е она што им е потребно.

Опушти се. Прифати.

Сѐ ќе биде во ред, само ти да си добро. 

Свесна сум дека нема вечно ваков да биде животот и дека наскоро ќе морам повеќе да комуницирам со луѓе, дека ќе морам да трчам наваму-натаму како и некогаш, знам дека повеќе ќе се нервирам, но пред пандемијата, не бев свесна колку сакам да имам куќа во природа, со животинки наоколу, да бидам опкружена со самотија и тишина. 

Ако некогаш мислев дека тоа ми е само привремено решение и бегство од секојдневието, сега тоа не ми е само мисла, туку цел – и знам дека ќе работам на тоа да си ја остварам оваа желба кога сѐ ќе се врати во нормала. Ќе работам на тоа, како знам и умеам, животот да ми биде баш оваков каков што ми е овие последни денови. Бавен, полн, шарен, понекогаш и тивок, а понекогаш окупиран со звуците на природата. И да се слуша само звукот на смеата. 

Наместо бегство од животот, животот полека се претвора во дом.