Оптимизмот има моќ да лекува

Дали чашата ја гледате како полуполна или полупразна? Дали верувате дека позитивните мисли ќе направат сè да биде подобро или пак сметате дека ако секогаш го мислите најлошото ќе бидете поподготвени кога ќе настапи неизбежното разочарување?Оптимисти или песимисти?

Напишани се илјадници книги кои служат да ве убедат дека позитивното оптимистичко однесување и мислење ќе ве донесат на патот кон успехот, кон подобро здравје и подолг живот. Но, има ли вистина во нив и има ли факти кои ќе го потврдат тоа?

МОЌТА НА ОПТИМИЗМОТ

Позитивното размислување носи многу предности. Стотици научни истражувања покажале дека оптимизмот може да влијае не само на физичкото и психичкото здравје, туку и на подобрувањето на начинот на живот. Оптимистите можат да се радуваат на многу предности.

Подолг живот. Доколку живеете со мотото „секогаш гледај на посветлата страна на животот“, не само што ќе се чувствувате подобро, туку и ќе живеете подолго. Истражување во Америка, во кое учествувале 100 000 жени повозрасни од 50 години, имало за цел да го следи нивното здравје во просек по 8 години. Во текот на истражувањето биле следени степенот на смртност и хроничните заболувања. Резултатите од ова големо истражување покажале дека постои врска помеѓу оптимизмот и ризикот од рак, срцеви заболувања и рана смрт. Жените кои биле оптимисти имале 14% помала веројатност да умрат од каква и да било болест и 30% помала веројатност да умрат од срцев удар, во споредба со песимистите. Исто така, жените со позитивно размислување помалку страдале од висок притисок и дијабетес и најчесто не биле пушачи.

Подобро физичко здравје. Оптимизмот влијае позитивно врз физичкото здравје. Во текот на 35 годишно истражување, бил следен животот на 99 учесници кои дипломирале на Харвард. Пред да започне истражувањето било оценето дали се оптимисти или песимисти. По 35 години, кога докторите го испитале нивното здравје, откриле дека оние кои биле песимисти имале полошо здравје на возраст од 45-60 години, во споредба со оптимистите.

Подобро емоционално здравје. Позитивното размислување води не само до подобрување на физичкото, туку и на емоционалното здравје. Истражување направено врз хоспитализирани депресивни пациенти, покажало дека 12-неделна когнитивна терапија за поттикнување на добри мисли, им помага на пациентите подобро да се справат со депресијата, во споредба со лековите. Причината за тој заклучок е тоа што терапијата им помага на пациентите на долгорочен план да ја намалат депресијата, за разлика од лековите кои делуваат краткорочно.

Помалку стрес. Оптимистите имаат поголема верба во себе и во своите способност. Тие веруваат дека негативните случки се мали пречки кои лесно може да се преминат, а дека позитивните настани се доказ дека ќе следат и многу други добри работи во иднина. Ваквото позитивно размислување им носи помалку стрес, отколку на песимистите.

Поголеми постигнувања. Оптимистите не се откажуваат така лесно како песимистите. Тие се поупорни кога станува збор за нивните намери, затоа што веруваат дека нивниот труд ќе им се исплати. Токму таа упорност води кон зголемување на шансите за постигнување на поголем успех.

КАКО ДЕЈСТВУВА ОПТИМИЗМОТ?

Сè уште нема дефинитивен одговор на прашањето „на кој начин оптимизмот го подобрува здравјето“. Некои експерти сметаат дека најголем фактор кој влијае на подобрувањето на здравјето кај оптимистите е минималниот стрес.

Оптимистите освен што го намалуваат стресот со своето ведро размислување, можат и полесно да се справат со него. Стресот се асоцира со појавата на висок крвен притисок и срцеви заболувања.

Друг фактор кој влијае врз доброто здравје на оптимистите е тоа што се подобри пациенти. Кога кај оптимистите ќе се појави некое заболување, тие навремено бараат медицинска помош и подобро ги следат советите на докторите. Не се предаваат лесно и на таков начин добиваат поголеми шанси да ја пребродат болеста.

Оптимистите водат поздрав начин на живот. Тие се посклони да се откажат од пушењето, физички се поактивни и нивната телесна тежина е поблиска до нормалната.

ДОБРАТА ВЕСТ...

За некои луѓе оптимизмот доаѓа природно, без никаков напор. Но, добрата вест е што оптимизмот може и да се научи. Тој се раѓа бавно, не можете да очекувате да станете оптимист преку ноќ, но позитивните резултати кои ги носи оптимизмот заслужуваат да се потрудите.

Барем еднаш дневно застанете и концентрирајте се на своите мисли. Оценете ги – дали се позитивни или негативни. Доколку заклучите дека вашите мисли во главно се негативни, најдете начин да ги претворите во позитивни.

Насмевнувајте се почесто, особено кога сте насред криза. Барајте хумор во секојдневните ситуации, за да го намалите стресот. Опкружете се со оптимисти. Луѓето кои шират негативна енергија создаваат дополнителен стрес.

Факт е дека оптимизмот има магично влијание, па затоа обидете се секогаш да гледате на позитивната страна на животот.