Општините за новогодишно украсување потрошиле 615 илјади евра

Центарот за граѓански комуникации ја објави базата на податоци за сите тендери на локалните власти за новогодишно украсување за дочекот на 2019 година.

Базата на податоци открива дека за дочекот на Новата 2019 година се украсија повеќе општини и се потрошија повеќе пари од лани. Локалните власти на 27 општини склучиле договори за новогодишно украсување во вкупна вредност од околу 615 илјади евра, односно 30% повеќе од претходната година.

Најголем дел од парите завршија кај скопската фирма Линк Медиа Плус која за два договори (со Градот Скопје и со Општина Струмица) ќе добие над 300 илјади евра, а најголем број на договори и тоа дури 11 во вкупна вредност од 185 илјада евра добила фирмата Метал-Вет-Ел од Скопје.

Базата на податоци дава преглед на трошоците за новогодишно украсување во период од 4 години и овозможува споредба дали одредена општина го зголемила или намалила овој трошок. Податоците од оваа база се ставаат на располагање во отворен формат за служат како основа за натамошно користење и истражување.

Целото истражување и базата на податоци се достапни на следниот линк: http://www.opendata.mk/Home/TekstualniDetails/78?Category=2 . Базата на податоци содржи и податоци за трошоците на општините за новогодишно украсување по години, од 2016 година наваму.

Оваа база на податоци е дел од предвидените десет истражувања и бази на податоци за трошењето на јавните пари кои ќе се реализираат во рамките на проектот Јавно трошење за јавно добро, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на проектот што го спроведува ЦГК е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.