Општините се подготвуваат за есенскиот бран – во 16 градови ќе се формираат ковид-центри

Градоначалници на 16 општини во земјава го поддржаа предлогот на Министерството за здравство и на Комисијата за заразни болести за формирање регионални ковид-центри во градовите каде што веќе постојат општи болници и здравствени домови.

Станува збор за општините Гевгелија, Куманово, Кавадарци, Струмица, Кичево, Дебар, Гостивар, Струга, Кочани, Охрид, Велес, Тетово, Штип, Битола, Ресен и Прилеп.

Како што информираат од ресорното министерство, активностите се одвиваат во рамки на подготовките на здравствениот систем за есенскиот бран на коронавирусот, а целта е да се обезбеди соодветен третман и тријажа на пациенти позитивни или сомнителни на Ковид-19, без притоа да се компромитира редовното работење на болниците и здравјето на другите пациенти.

Станува збор за дополнителни времени капацитети, односно монтажни модуларни болници или креирање  посебни патеки и услови во некои објекти, како и прилагодување на други капацитети што  би можеле да се адаптираат и користат како привремени ковид-центри.

„На работниот состанок што во петокот се одржа преку електронска платформа градоначалниците на општините се соглсија дека стратешката координација, планирањето, проценката на опциите и приоретизацијата се клучни во борбата со коронавирусот. Оттука беше поздравена иницијативата и беше прифатен ваквиот пристап на координација. Тие изразија подготвеност, ја истакнаа својата безрезервна поддршка и се согласија дека ќе ги стават сите свои капацитети на располагање, во рамките на нивните ингеренции“, се наведува во соопштението од Министерството за здравство.