Општинарите заборавија да ги закрпат сервисните улици

Некои од скопските општини како да заборавија на обврската да ги закрпат дупките на коловозите од сервисните или таканаречените станбени улици. Граѓаните велат дека им е јасно дека градоначалниците не сакаат да се занимаваат со ситни инфраструктурни проекти, но за нив инфраструктурата е секојдневен проблем во Чаир, Гази Баба, Бутел, Кисела Вода, Ѓорче Петров, пишува Нова Македонија.

Во некои од пооштетените улици не сакаат да влезат ниту таксистите за да не ги оштетат своите автомобили. Полна со дупки е улицата Павле Илиќ во Чаир, потоа Ресенска на која со години не е обновен асфалтот и не се закрпени дупките. Вакви улици има и во населбата Автокоманда во општината Гази Баба, а полна со дупки од едниот до другиот крај е и улицата Ташко Караџа. Дупки има и на Шеснаесетта македонска бригада. Оние, пак, од Кисела Вода исто така велат дека имаат проблем со дупки на сервисните улици, а особено на улицата Христо Татарчев, кај сервисот „Мечкаров“, како и на улиците Ѓорги Димитров и Димо Хаџи Димов.

Жители од населбата Хром тврдат дека има дупки на дел од улицата Исаија Маџовски, а оние, пак, од населбата Драчево се жалат дека не можат да поминат на дел од улицата Живко Фирфов, која е полна со дупки и со години никој не ја санира. На дупки по сервисните улички се жалат и железарци и бутелчани, а во Аеродром тие се евидентни на улицата Февруарски поход.