Општина Кисела Вода започнува со реконструкција на сите улици во Пржино

Потпишан е Договорот помеѓу градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и изведувачите  ДПГТТУ “Филип Инженеринг” и ДЗЗГ “Изолација”, со што следната недела започнува капиталниот проект за реконструкција на сите улици во населбата Пржино.

Се работи за Договор во износ од околу 14 милиони денари кои Општина Кисела Вода ги обезбеди од Светска Банка, преку проектот МСИП2 овозможен преку Министерството за финансии.

 -Со денешното потпишување на овој договор, започнува реализацијата на капиталниот проект кој им го ветив на жителите на Пржино за целосна реконструкција на сите улици од овој дел на Кисела Вода. Се работи за површина од преку 12 000 квадратни метри кои ќе бидат опфатени со градежни зафати за подобри и побезбедни услови за одвивање на сообраќајот. Ова има уште поголемо значење ако се земе предвид дека во своето секојдневие, овие улици ги користи преку 30 проценти од населението од општина Кисела Вода. Дополнително, ќе се подобри и естетиката на просторот, бидејќи се работи за улици на кои со децении не се вршени никакви градежни интервенции и се во многу лоша состојба. Сакам да се заблагодарам на поддршката на Светска Банка која, преку проектот МСИП2 овозможен преку Министерството за финансии, одговори позитивно на нашите барања и овозможи да им обезбедиме на нашите жители достојни и пристојни услови какви што заслужуват. Како што најавив, низ улиците на општина Кисела Вода започнува вистински градежен бум и за многу кусо време граѓаните ќе ги почувствуваат ефектот во подобрување на квалитетот на живеење-изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.

Во наредните неколку месеци интензивно ќе се работи на рехабилитација на коловозот и тротоарите на улиците “Пандо Кљашев”, “Караџица”, “Кара Трифун”, “Малина Поп Иванова”, “Пеју Јаворов”, “Пржино” со краци, “Стрмешево”, “Зеленгора”, “Кочанска” и “Полог”. Паралелно, градежни активности за подобрување на инфраструктурата ќе течат во сите останати месни и урбани заедници, што ќе обезбеди рамномерен регионален развој и поквалитетни услови за живот за сите жители на општина Кисела Вода.