Општина Кисела Вода за прв пат во Македонија организира бесплатна полуматурска прослава за сите деветтоодделенци

Општина Кисела Вода за прв пат во Македонија организира бесплатна полуматурска прослава за сите деветтоодделенци. Ваквата информација ја објави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на социјалните мрежи

„Во насока на промовирање еднакви можности и поддршка за младите, годинава воспоставуваме нов концепт на одбележување на полуматурата. Во рамки на оваа иницијатива, отпочна и нов, оригинален проект реализиран во соработка со Телма телевизија - емисијата „Мисија Полуматура“. За првпат, сите ученици од деветто одделение во основните училишта на територијата на општината ќе имаат можност за бесплатна, заедничка, дневна прослава, целосно финансирана од страна на локалната самоуправа. Овој пристап претставува континуитет на заложбите на Општина Кисела Вода да вложува во младите генерации, овозможувајќи им поддршка, еднаквост и достоинствено одбележување на важните животни премини“, напиша Ѓорѓиевски.

Како што објасни градоначалникот станува збор за едукативно-креативен формат во кој околу 40 ученици од сите општински училишта се вклучени како активни учесници во осмислувањето и реализацијата на својата полуматурска прослава.

„Низ серија на активности и предизвици, учениците покажуваат вештини за соработка, тимска работа, креативност и организација, а целокупниот процес се следи и документира од страна на телевизиската екипа. Првата епизода веќе беше емитувана на Телма, а проектот наидува на позитивни реакции од јавноста. Со овозможувањето на бесплатна, заедничка дневна полуматурска прослава за сите деветоодделенци во општина Кисела Вода, ја потврдуваме нашата определба дека секое дете заслужува еднаква можност да ги одбележи значајните животни случувања, независно од социјалните или економските околности. Дополнително, преку реализацијата на проектот ,,Мисија Полуматура”, се создава простор каде младите од Кисела Вода можат активно да се вклучат, да покажат одговорност, иницијативност и тимска култура – вредности кои претставуваат основа на секое функционално и просперитетно општество. Овие млади луѓе, со својата енергија, ставови и идеи, ја претставуваат иднината на нашата општина и нашата држава. Затоа, инвестициите во нивните потреби, развој и социјална интеграција остануваат еден од клучните приоритети на локалната самоуправа“, посочи Ѓорѓиевски.

Првата епизода на ,,Мисија Полуматура“ на Телма телевизија се емитуваше минатата сабота, со почеток во 08:30 часот и реприза во понеделник во 23:30 часот.