Општина Кисела Вода со дводневни активности ќе го одбележи патрониот празник

Утринска литургија, ликовен настан и крводарителска акција ќе бидат дел од неколкуте традиционални манифестации со кои Општина Кисела Вода ќе го одбележи патрониот празник 6-ти Мај – Ѓурѓовден, информираат од општината.

Најпрво, во четврток делегација предводена од градоначалникот Филип Темелковски ќе ја посети црквата „Св. Ѓорѓи“, а потоа во паркот „Шопен“, општината ќе го организира традиционалниот ликовен хепенинг, на кој ќе учествуваат ученици од сите општински основни училишта, кои годинава ќе творат на темата: „Ѓурѓовден – патронен празник на мојата општина“.

Во петок, во соработка со Црвениот крст и со Институтот за трансфузиологија, во големата сала на општината ќе се одржи крводарителска акција под мотото „Дарувај крв–спаси живот“.