Општина Кисела Вода со донација за лицата со попреченост

Хуман гест на градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски. 

Имено, денеска Општина Кисела Вода изврши донација за лицата со попреченост - тие добија нови инвалидски колички, кои како што вели Ѓорѓиевски, за нив значат можност за поголема мобилност и полесно извршување на секојдневните активности со што им се обезбедува и поголема вклученост во сите општествени процеси.

-Денешната донација за лицата со попреченост е само уште една потврда за насоката кон која се движиме, градејќи средина во која сите наши граѓани живеат подобро, со посебен акцент врз лицата со попреченост кои години наназад беа оставени на маргините. И самиот мултифункционален центар раководен од „Крик”, каде ја оствруваме денешната донација, е отворен и функционира со поддршка од општина Кисела Вода. Со оглед на тоа што „Крик” е младинска организација која во својата работа ги вклучува и поддржува лицата со различни видови на попреченост, ние директно учествуваме во унапредувањето на условите за овие лица и нивна целосна инклузија во општеството - рече Ѓорѓиевски.

Тој потсети и на другите бројни проекти кои Општина Кисела Вода ги спроведе во оваа насока.

-Тука се и другите бројни проекти на оваа локална самоуправа кои веќе цела година ги рушат барирерите за лицата со посебни потреби: градењето на пристапни рампи, на сензорни соби, отворањето и финансирањето на клубот за деца со церебрална парализа, донирањето на книги напишани на Брајово писмо за библиотеката на дечињата со оштетен вид од ДУРМДОВ ,,Димитар Влахов”, како и реконструкцијата на објектите и нивната адаптација за да бидат функционални за овие лица, нешто што во целост го постигнавме во ООУ ,,Кузман Јосифовски-Питу", кое сега е првото целосно инклузивно основно училиште во Скопје - истакна градоначалникот.