Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски информираше дека генералното чистење на територијата на општина Кисела Вода продолжува со силна динамика. Тој посочи дека минатата недела се започна со интензивни активности за чистење на улиците, тротоарите и јавните површини каде досега се опфатени повеќе населби и населени места, а до крајот на акцијата ќе бидат опфатени сите 15 месни и урбани заедници во општината.
„Денеска се чисти во 11 Октомври бараки и на трим патеката, која претставува важен простор за рекреација и е омилено место на граѓаните кои редовно ја користат за спорт и прошетки. Ангажираните екипи темелно ги чистат улиците, тротоарите и јавните површини, користејќи ги и новите метларки, кои неодамна беа набавени како одговор на барањата на граѓаните за почиста животна средина. Освен рачно и машинско метење, се перат и плочниците во парковите, се кастрат суви гранки и се отстранува насобраниот комунален отпад. За жал, екипите мора да интервенираат и на несоодветно оставениот шут и кабаст отпад, кој не смеел да заврши на јавните површини“, напиша Ѓорѓиевски.
Градоначалникот посочи дека хигиената во урбаните средини е основа за квалитетен живот но и грижата за чиста и здрава околина е заедничка одговорност.