
Повеќе од 560 деветтоодделенци од сите основни училишта во општина Кисела Вода синоќа ја одбележаа својата полуматура на голема заедничка прослава организирана во спортската сала „Независна Македонија“.
Настанот, кој општината го организира втора година по ред, беше бесплатен за учениците и претставуваше симболично заокружување на нивното основно образование пред почетокот на новото поглавје во средношколските клупи.
Според градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска на Општина Кисела Вода, концептот на прославата бил креиран во соработка со самите ученици, кои преку свои претставници ги споделиле идеите и предлозите за организацијата на настанот.
За забавата и одличната атмосфера се погрижија 2Bona и Марио Трампет, додека дел од програмата беше резервирана и за настапи на учениците.
Од општината порачаа дека и во иднина ќе продолжат да ги поддржуваат младите и да ги вклучуваат во креирањето на настани и политики што ги засегаат.
„Кисела Вода гради модерна иднина преку визијата на своите млади“, е пораката испратена по завршувањето на прославата.