Општина Карпош за три години потрошила повеќе од 100 илјади евра за печатење на општинскиот весник

Во три различни договори, склучени во три различни јавни набавки општината Карпош за од 2017 до 2021 година потрошила 6,4 милиони денари или повеќе од 100 илјади евра. Ова го покажуваат податоците објавени на системот за јавни набавки.

Првиот договор со вредност од 1,4 милиони денари е склучен во март 2018, веднаш по стапување на функција на актуелниот градоначалник Стефан Богоев. Вториот договор е склучен минатата 2020 година на вредност 4 милиони денари и во изборната година градоначалникот склучува уште еден договор во вредност од 2 милиони денари. На сите три постапки за јавни набавки најдобра понуда дала кочанска печатница „Европа 92“. 

Во последната техничка спецификација за печатење на весникот „Карпош ИН“ не е наведен тиражот на весникот, туку наведени се техничките критериуми кои треба да ги исполнува едно печатено издадение. Па, така во зависност од квалитетот и димензијата цената по парче е пресметана на 34 денари.

Купува ли општината Карпош симпатии кај граѓаните со народни пари или пак станува збор за проект кој е неоходен и реално ги информира граѓаните? Весникот изобилува со слики од актуелниот градоначалник и тој со парите на граѓаните се прави сопствена реклама и сопствен ПР.

Граѓаните во однос на ова прашање се поделени, но најголемиот дел од нив сметаат дека општинскиот весник непотребно се издава, создава ѓубре во влезовите и општината залудно троши, општински и народни пари.