Општина Карпош вклучена во унапредувањето на родовите перспективи

Општина Карпош спроведува континуирани обуки на администрацијата за собирање на родово разделени податоци во областа на урбанизмот, образованието, спортот, културата, човековите ресурси и сл. Таква е и Обуката за мониторинг на програми од родова перспектива која се одржа од  21 до 23 септември во Струга.

-Обуката е организирана од канцеларијата на UN Women во Скопје  во рамки на проектот „Промоција на Родово одговорни политики и буџети: кон транспарентно, инклузивно и отчетно управување во Република Северна Македонија“. На оваа обука Карпош имаше своја претставничка, а на оваа обука нагласката беше ставена на мониторингот на ваквите процеси, преку примена на постапките на следење, евалуација и известување, учење на методите за собирање родово разделени податоци и анализа на индикаторите кои укажуваат на постигнувањата на планот на родовите перспективи.- информираат од Општината.

Општина Карпош, веќе неколку години, во континуитет, преку своите услуги и административно работење прибира и користи родово разделени податоци, кои натаму се основа во креирањето на политики и програми за работа на локалната самоуправа. Добиените податоци натаму се клучни во вклучувањето на родовата политика на локалната власт во рамки  на програмите за работа и општинските надлежности во сите сфери на работа.

-Иако целосната имплементацијата на прибирање родови податоци и креирање родови политики треба уште да се надградува, сепак патот кон родово буџетирање и унапредувањето на родовите политики во Општина Карпош во повеќе области, од јавни дејности до образование и изградба на соодветна инфраструктура, и натаму е отворен.- стои во соопштението на општината.