
По повод 50 години од основањето на Општина Карпош, вчера во спортската сала „Наум Наумовски – Борче“ – Партизан, официјално беа отворени Младинскиот центар – Карпош (МЦК) и Ресурсниот центар – Карпош (РЦК).
Просториите се отстапени од Општина Карпош за младите и граѓанските организации, со цел на едно место да ги реализираат своите идеи, активности и иницијативи.
„Младинскиот и Ресурсниот центар – Карпош се иницијатива и идеја на градоначалникот Сотир Лукровски и Мирјана Пехчевска, која денес се претвора во реалност благодарение на посветеноста, ангажманот и работата на Александра Теова и Роберт Јанковски од Секторот за локален развој“, посочија од Општината.
Во работата на двата центри веќе биле вклучени 10 невладини организации од различни области – спорт, бизнис, екологија, младински прашања и поддршка на лицата со попреченост.

„Нека Ресурсниот и Младинскиот центар – Карпош бидат места каде ќе се раѓаат идеи и ќе се создаваат промени, каде младите ќе се чувствуваат слушнати и поддржани, а граѓанските организации и целата локална заедница ќе имаат простор за соработка и заедничко дејствување“, истакна градоначалникот Сотир Лукровски.
На свеченоста, градоначалникот им врачи благодарници на Халк банка, Стопанска банка и Тримакс за поддршката во опремувањето на центрите.
Присутните гости донираа и книги по личен избор, со кои ќе биде збогатена младинската библиотека во МЦК.
„Од понеделник, Младинскиот центар – Карпош ги отвора вратите за младите, со тематски сесии, дебати и активности преку кои ќе се поттикнуваат нови идеи и младински иницијативи за подобар квалитет на живот во локалната заедница“, истакнаа од Општина Карпош.