Општина Карпош со својата механизација сите собрани суви гранки ќе ги носи во Зоолошката градина

Од денеска, Општина Карпош со својата механизација сите собрани суви гранки ќе ги носи во Зоолошката градина – Скопје, каде што ќе бидат преработувани и повторно искористени за создавање на подлога на животните –  мајмуните. Со ваквиот начин на постапување со отпадот, Општина Карпош и практично станува пример за правилна обработка на отпадот и негово повторно користење.

Наместо сувите и скршени гранки да остануваат по јавните површини и парковите, истите ќе бидат преработени и ќе придонесат кон создавање на поприродна средина за живеење на мајмуните во Зоолошката градина, која територијално е под Општина Карпош.

Овој позитивен пример, за преработка на суви гранки е практика во повеќе развиени земји. Неодамна и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев беше во студиска посета на Германија, каде што имаше можност да се увери во повеќе примери за паметно искористување на отпадот и рекултивирање на јавните површини.

Во изминатиот период, голем дел и од запленетите гуми кои често придонесуваа за загадување на амбиенталниот воздух беа донирани во Зоолошката градинка или во воспитно – образовните установи, со цел да бидат искористени на креативен начин.

Општина Карпош продолжува со интензивните активности за заштита на животната средина, како и правилно одлагање на отпадот за кој е одговорна локалната самоуправа.