Општина Карпош: Речиси на 20% од вкупната површина од ДУП-от кај Систина ќе доминира зеленило

Советниците од општина Карпош денеска, ја одржаа последната работна седница за време на четиригодишниот мандат на градоначалникот Стефан Богоев.

Членовите на Советот, меѓу останатите точки на дневен ред, ги разгледуваа и двете точки од областа на урбанизмот, поточно, двата детални урбанистички планови за Градска четврт ССЗ 02, Блок 06 и планот за Блок 9 од Градска четврт ССИ 03.

Првиот ДУП се однесува на потегот околу маркетот Хубо и болницата Систина, на вкупно 35,07 хектари. Речиси на 20% од вкупната површина која ја опфаќа оваа планската документација, ќе доминира зеленилото.

Појдовна точка во изнаоѓање на концепцијата на решението на овој ДУП, покрај насоките од ГУП-от на град Скопје 2012-2022 и Урбанистичкиот план за Четврт ССЗ 02, 2012-2022, се и создадените услови на просторот кој е предмет на изработка на оваа урбанистичка документација, велат од општина Карпош.

Површината на планскиот опфат е релативно градежно изградено земјиште, меѓутоа има појава на голем дел од неизградено земјиште кое треба плански да се уреди.

Со планот се формираат градежни парцели и се предвидуваат површини за градба со намена во согласност со ГУП на Град Скопје, Урбанистичкиот план за Четврт ССЗ 02, 2012-2022 и состојбата на терен.

Основа за изработка на вториот ДУП за Блок 9 од Градска четврт ССИ 03, општина Карпош и општина Чаир, ќе биде Стратегијата за одржлив развој (Агенда 21), важечката урбанистичка документација, ажурираната геодетска подлога, планската програма изработена одАгенцијата за планирање на просторот која е заверена во Министерство за транспорт и врски.

Овој ДУП (во рамки на границите на општина Карпош), се однесува на потегот околу касарната „Илинден“ и опфаќа површина од 18,89 хектари. Просторот ќе биде планиран со намена за објекти за домување во посебен режим, станбени објекти, трговски и хотелски единици, потоа, објекти за високо образование и наука, како и парковско и заштитно зеленило, информираат од локалната самоуправа на Карпош.