Општина Карпош постави нов споменик во чест на основањето на Првиот Скопски Партизански Одред

На барање на Сојузот на борци на Македонија, Градоначалникот Стевчо Јакимовски предложи до советниците на Општина Карпош, а тие ја изгласаа Одлуката за поставување на спомен-обележје по повод основањето на Првиот Скопски Партизански Одред. Локалната самоуправа ја финансираше изработката и поставувањето на овој историски паметник, кој денеска свечено беше пуштен во употреба, во чест на 80 годишнината од Првото Заседание на АСНОМ.

Во таа насока, денеска, тричлена делегација од Општина Карпош, предводена од Секретарот на локалната самоуправа, Ивана Ордевска и советниците Зоран Краљевски и Славко Митревски, присуствуваше на овој свечен чин, каде што положи свежо цвеќе пред новопоставеното спомен-обележје.

-Општината и понатаму ќе дава поддршка на ваквите иницијативи и ќе ја негува почитта кон борците од НОВ, кои се бореле за слобода, а некои од нив го положиле својот живот пред олтарот на татковината. На овој начин, сакаме да оставиме аманет и до новите генерации кои треба да ги почитуваат начелата на слободата и демократијата и оттука да го зачуваат и споменот кон луѓето кои чекореле по патот на формирање на самостојна Македонија, посочи Ордевска.

За посебниот придонес и поддршка во оставрувањето на целите и задачите на СБМ на планот за негување и развивање на традициите од НОАВМ 1941-1945 година, претставникот на Сојузот на борците, и врачи благодарница на Секретарот Ивана Ордевска, која го прими ова признание во име на Општина Карпош.

На оваа манифестација, присуствуваше и 103-годишниот припадник на Првиот Скопски Партизански Одред, Методија Коневски, како и делегации на Сојузот на борци на Македонија, претставници на политички партии, здруженија на пензионери, како и граѓани кои дојдоа да им одадат почит на македонските револуционери.