Општина Карпош плаќа 50% од цената за возачка дозвола - еве ги критериумите

Од утре, 23 јуни 2022 година, стартува процесот на субвенционирање на млади лица од општина Карпош за обука на теоретски и практичен дел за полагање на возачка дозвола од Б категорија.

Започнувајќи од оваа година, за прв пат локалната самоуправа воведува новина со која младите лица кои живеат во Карпош се поттикнуваат да полагаат за возачка дозвола. За оваа намена Општината  обезбеди финансиска конструкција во висина од 4.000.000 денари.

Право на пријавување имаат сите физички лица кои живеат на територија на општина Карпош, кои во оваа 2022 година наполниле 18 години.  

Јавниот повик ќе трае сé до исцрпување на средствата предвидени за оваа намена, кој ќе функционира според принципот „прв дојден, прв услужен“, информираат од општина Карпош/ 

Секое лице кое ќе поднесе барање за субвенционирање на стручен дел од возачка дозвола мора да е жител на општина Карпош, најмалку три години до денот на поднесување на барањето.

Тоа значи дека покрај апликацијата, со копија од личната карта апликантот  ќе мора да достави копии од личните карти на своите родители. Доколку станува збор за деца со разведени родители, едниот родител треба да живее на територија на Карпош. Во овој случај, локалната самоуправа преку месните заедници ќе провери дали тоа лице (апликант) навистина живее во општина Карпош или пак живее кај другиот родител, кој не е жител  на  Карпош.

Ќе се субвенционираат само оние лица кои ќе извршат уплата и ќе посетат обука (теоретски и практичен дел) за полагање на Б возачка категорија во автошкола избрана преку јавниот повик. Притоа, избрани се седум автошколи: СМАРТ ДООЕЛ, Мобилити плус, Боби М, Сигурност ГТБ, Софи скул, Тримоски ДООЕЛ и Шкорпион Едукација Скопје.

Лицето кое ќе аплицира за субвенција треба да приложи лекарско уверение.

Субвенционирањето ќе изнесува 50% од сумата која се наплатува за посетување на обука и истиот е утврден како минимална цена по правилникот за минимална цена.

Барањата за субвенционирање ќе се доставуваат до архивата на Општина Карпош.