Општина Карпош и натаму дезинфицира

Општина Карпош продолжува со интензивно одржување на јавната хигиена, миење и чистење на улиците, платоата и плоштадите, како и урбаната опрема, клупите за седење, кантите за отпадоци, велосипедските паркинзи.

– Со цистерни се миеја и се дезинфицираа локалните улици во Карпош 1 и Карпош 2, а исто така се користеше и посебно средство за дезинфекција на урбаната опрема. Некои од овие активности, како миењето на улиците, станаа секојдневна работа на комуналните служби на Општина Карпош, кои во изминатиов период се интензивираа заради спречување на ширењето на коронавирусот. Локалната самоуправа деновиве врши и вонредна дезинфекција на училиштата и градинките, a се затворија и детските игралишта и спортско-рекреативни зони во Карпош. Целта е да се спречи присуство на граѓани на овие места и да се намали можноста за ширење на вирусот – информираат од Општина Карпош.

Надлежните ги повикуваат сите граѓани да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот. Да го почитуваат полицискиот час, да не се собираат во групи и да излегуваат единствено ако имаат итна потреба. Додаваат дека се интензивирани и контролите од Министерството за внатрешни работи и армијата, при што се предвидуваат казни за непридржување кон мерките.