Општина Карпош го објави протоколот за упис на првачиња

Од утре започнува уписот на првачиња во основните училишта низ целата држава.  Со оглед на пандемијата и уписот се одвива според однапред утврден протокол. 

Во целост ги пренесуваме протоклите кои Општина Карпош ги објави во врска со редовното запишување на првачиња:

Започнува уписот на деца во прво одделение, во сите десет основни училишта, за учебната 2021/2022 година. Во општина Карпош, запишувањето на новите ученици ќе се одвива во две фази:

  • Доставување на потребни документи до училиштето, по електронски пат на uslugi.gov.mk или директно до Комисијата за упис на деца во I одделение (составено од секое основно училиште);

  • Средба (разговор) со детето, на закажан термин во согласност со Протоколот за упис на ученици.

Од оваа година, доставувањето на документи може да се прави и по електронски пат, со цел да се намали метежот по образовните установи, но и да се избегне групирање и ширење на вирусот КОВИД – 19. 

Физичкото присуство останува како задолжително за да се спроведе интервјуто со ученикот кој се запишува. Сепак, генерално, ако дозволуваат временските услови, овие разговори ќе се спроведуваат во отворените еко – училници на сите училишта.

 Апелираме до сите чинители во процесот (наставници, деца, родители, административно – технички кадар) на зголемена претпазливост при работењето и грижа за заштита на јавното здравје.

Општина Карпош посакува успешен упис и нов почеток за нашите најмлади жители, како и за нивните родители и наставен кадар.