Општина Карпош бара времено запирање на два ДУП-а на нејзина територија

Како резултат на тоа што не била запазена законски предвидената постапка за донесување на два детални урбанистички плана, Општина Карпош му предложи на Уставниот суд, до донесувањето на конечната одлука, да донесе решение за запирање на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на ДУП за Градска четврт 3 05 и ДУП за Градска четврт 3 04, информираат од оваа скопска општина.

Како што соопштуваат оттаму, Oпштината доставила одговор до Уставниот суд на Република Македонија, на претходно поднесена Иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот ДУП (Детален урбанистички план) за опфатот Градска четврт З 05, помеѓу булевар Илинден, булевар 8 Септември, булевар Партизански oдреди, улица Љубљанска, Блок 1, Блок 5 и Блок 8.

Општината Карпош го доставила Записникот од 44. седница на Советот на Општината, одржана на 5 јануари 2016 година.

„Од овој доказ е очигледно дека при носење на оспорениот ДУП предложено е дополнување на Дневниот ред за работа на 44. седница на Советот со pредлог-одлука за донесување на оспорениот ДУП, со образложение дека непосредно пред почетокот на седницата е пристигната согласноста за донесување на ДУП-от од Министерството за транспорт и врски на Република Македонија, што е спротивно на Законот за просторно и урбанистичко планирање, како и на Деловникот на Советот на Општина Карпош. Со ова на советниците им било оневозможено соодветно и темелно да ја разгледаат pредлог-одлуката и да ја анализираат содржината на оспорениот ДУП“, стои во соопштението од Oпштината.

Дополнително, како што информираат оттаму, претседателот на Советот направил и повреда на Законот за просторно и урбанистичко планирање бидејќи го дополнил дневниот ред со две точки меѓу кои и таа со оспорениот ДУП, иако бил должен предлогот на планот да го стави најрано на првата наредна седница.

Исто така, Општина Карпош за оспорениот ДУП Градска четврт З 05 приложила и доказ – извод од архивата на содржини објавени на интернет страницата на општината.

„Од овој извод, јасно се гледа дека oдлуката за неспроведување на стратегиска оцена, која претходи на донесување на Деталниот урбанистички план не била објавена на огласната табла на интернет-страницата на локалната самоуправа. Објавувањето на оваа oдлука е задолжително согласно со Законот за животна средина. На овој начин, на граѓаните и целокупната јавност им е ускратено правото на жалба кое им е гарантирано со закон“, информираат од општина Карпош.

Оттаму додаваат дека до Уставниот суд е поднесен и извод од архивата на содржини објавени на интернет-страницата, за оспорениот ДУП за опфатот Градска четврт З 04, помеѓу булевар Илинден, булевар 8 Септември, реката Вардар и улица Љубљанска.