Општина Илинден започна со изградба на нов парк во Миладиновци

Општина Илинден започна со изградба на нов парк во населеното место Миладиновци, кој ќе биде уште едно уредено зелено катче наменето за сите генерации.

Со проектот е предвидено целосно уредување на постојниот простор, со нови зелени површини, пешачки патеки и соодветна урбана опрема. Во рамки на градежните активности ќе се изведат нови бетонски и павер-површини, а посебен акцент ќе биде ставен на создавањето содржини за најмладите жители, кои ќе добијат детско катче со кула со лизгалка, лулашка и клацкалка, а предвидени се и клупи за одмор и дружење, посочуваат од Општината.

„Со изградбата на паркот, досегашниот простор ќе добие целосно нов изглед и намена, создавајќи уредена и безбедна средина која ќе придонесе за поквалитетно секојдневие на жителите на Миладиновци.“ – истакна градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој изврши увид во почетокот на градежните активности.

Уредувањето на јавните површини и создавањето нови зелени и рекреативни содржини остануваат меѓу приоритетите на Општина Илинден, а оттаму порачаа дека преку реализацијата на ваквите проекти, општината продолжува да создава похумана, поуредена и пофункционална средина, во која граѓаните ќе имаат повеќе можности за одмор, рекреација и дружење во своето населено место.