Општина Илинден се спрема за одбележување на патрониот празник

На 28.07.2019 година (недела) со почеток во 20:30 часот, во амфитеатарот на паркот „Галерија на отворено“, пред Домот на култура „Илинден“, во населба Илинден. под мотото "Со Илинден традицијата продолжува“, на свечен начин ќе биде одбележан патрониот празник на Општина Илинден "Илинден 2-ри Август“ и националниот празник на македонскиот народ.

Одбележувањето на Денот на Општината ќе биде збогатено со настап на групата Некст Тајм.

Во рамките на одбележувањето на патрониот празник на 27 јули (сабота) и 28 јули (недела) 2019 година, по 11-ти пат ќе се одржи традиционалниот Спортски викенд „Илинден 2019“, на кој се очекува да учествуваат над 700 спортисти кои ќе се натпреваруваат во повеќе спортови: велосипедизам, шах, атлетика-трчање, тенис, баскет и голем фудбал.

Централен настан Спортскиот викенд ќе биде традиционалната професионална велосипедска трка во должина од 100 километри „Трофеј Илинден 2019”, која што е влезена во календарот на велосипедски трки на Велосипедската федерација на Македонија и се бодува за купот на нашата земја. И оваа година „Трофеј Илинден 2019” ќе има интернационален карактер бидејќи се очекува да учествуваат над 70-на велосипедисти од неколку држави, кои ќе се натпреваруваат во повеќе категории: сениори, мастерс, кадети, јуниори, жени, У15 и У13.

Стартот на трката е закажан за 27 јули (недела) во 16:00 часот пред Спортската сала „Гоце Делчев“.

Во чест на патрониот празник на 24 јули (среда) од 09:00 до 14:00 часот во Домот на култура „Илинден“ ќе се реализира традиционалната крводарителска акција.