Општина Илинден почна со изградба на фекална канализација во делот на населба Јака и околината

Општина Илинден почна со реализација на капиталниот проект за изградба на фекална канализација во делот на населба Јака и околината, во должина од околу 7600 метри, а со изградбата на фекалната канализација ќе бидат опфатени сите домаќинства од тој дел на Општината.

Како што се наведува во соопштението на Општината, според градоначалникот на Илинден, Александар Георгиевски, кој денеска направил увид во работните активности, со изградбата на фекалната канализација во населба Јака и околината, се решава долгогодишниот проблем со кој се соочуваа граѓаните од тој дел на општина Илинден, а воедно ќе се подобри квалитетот на животот и ќе се заштити животната средина.

Градоначалникот Георгиевски додал дека вакви капитални проекти ќе бидат во фокусот на неговото работење во следните четири години.

-Вредноста на овој капитален проект изнесува над 20.000.000 денари, средства обезбедени од ТАВ Македонија. По изградбата на фекалната канализација ќе се изгради и пречистителна станица, која ќе ги прифати фекалните отпадни води од канализацијата, се вели во соопштението.