Општина Илинден интензивно работи на проектот „Рехабилитација на локалниот пат Кадино-клучка автопат А4“

Во насока на подобрување на патната инфраструктура и реализацијата на проектот  Изградба, реконструкција, санација и рехабилитација на локалните улици и патишта, во Општина Илинден интензивно се работи на реализација на капиталниот проект „Рехабилитација на локален пат Кадино-клучка автопат А4“, во должина од 1.600 метри.

Вредноста на проектот изнесува приближно 30 милиони денари. Проектот се реализира во соработка со Министерството за финансии во рамките на Проектот за подобрување на општинските услуги кој е финансиран со заем од Светска банка.

Рехабилитацијата и реконструкцијата на овој локален пат кој е од големо значење бидејќи претставува влез во Општина Илинден и главна врска со автопатот А4, коридор Скопје-Атина и поврзување со регионалниот пат Р-103, опфаќа и реконструкција на два моста и еден цеваст пропуст, изградба на тротоари, како и изградба на отворени одводни канали за зафаќање и одведување на атмосферските води.

Деновиве беше извршено асфалтирање на 1100 метри од коловозот кој сега е поширок и заедно со банкините изнесува 7 метри, што заедно со отстранувањето на околната растителна вегетација овозможува поголема прегледност и значително олеснување на движењето на моторните возила.

Во обиколка на трасата беше и градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски, кој на самото место се запозна за тоа како течат градежните работите околу изградбата на овој многу значаен локален пат за Општина Илинден. Во рамките на реализацијата на овој проект е и изградба на кружен тек во н.м. Кадино, со што во голема мера ќе се олесни движењето на возилата.

Со реконструкцијата на овој фрекфентен патен правец се подобрува безбедноста во сообраќајот во овој дел од Општината и се овозможува побрза и побезбедна комуникација. Безбедноста на учесниците во сообраќајот е еден од приоритетите во работењето на Општина Илинден, поради што континуирано се инвестира во изградба, реконструкција, рехабилитација и санација на локални улици и патишта.

Поради градежните зафати за рехабилитација на локалниот пат Кадино-клучка автопат А4, сообраќајот на овој патен правец се одвива во отежнати услови,  поради што се повикуваат учесниците во сообраќајот што го користат овој пат, доколку се во можност да користат алтернативни патишта.

Во насока на обезбедување подобри услови за живеење и стопанисување, Општина Илинден континуирано работи на подобрувањето и модернизирањето на локалната патна инфраструктура којашто на територијата на Општината се протега во должина од 306 километри, односно на изградбата на патишта, улици, изградбата на мостови, пешачки и велосипедски патеки.