Општина Гостивар незаконски заловувала бездомни кучиња - АХВ ја казни

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) повторно ја казни Општина Гостивар поради неовластено заловување и дислокација на бездомни кучиња, без одобрение од институцијата и од страна на неквалификувани лица.

По спроведен вонреден инспекциски надзор, АХВ изрече парична казна во вкупен износ од 2.100 евра во денарска противвредност, од кои 1.500 евра се однесуваат на Општина Гостивар, а 600 евра на градоначалникот.

Истовремено, Агенцијата донела и ново решение за забрана на спроведување ваков тип неовластени активности, покрај претходното решение издадено во ноември 2025 година.

Во соработка со Министерството за внатрешни работи било утврдено дека возилото со кое биле заловувани и дислоцирани бездомните кучиња е истото што и претходно било користено за вакви недозволени активности, но овој пат со променети регистарски таблички.

Вонредната инспекциска контрола била спроведена по пријави од граѓани, кои до АХВ доставиле фотографии и видеоматеријали како доказ за неовластеното постапување.