Општина Ѓорче Петров се огласи со соопштение во врска со сообраќајната незгода на улицата „Борис Сарафов“, поточно кај училиштето „Мирче Ацев“, во која вчера беше повредено 10-годишно дете.

Како што информираат оттаму, во координација со Град Скопје, договорено е на критичното место да биде поставен семафор.

„Со ваквата постапка очекуваме целосно да се реши проблемот со сообраќајот, брзото возење и непочитување на пешаците кои минуваат на пешачкиот премин кај училиштето ‘Мирче Ацев’“, се наведува во соопштението од општината.

Градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумоски, денеска даде изјава во врска со немилиот настан во која вети дека дотека е тој градоначалник никогаш повеќе нема да се случи таков инцидент на тоа место.

„Како градоначалник, жител на општината и родител изразувам големо жалење за незгодата при што повредено е дете кое е наш сограѓанин. Посакувам што побрзо да закрепне и се надевам дека по решавање на сообраќајниот проблем, никогаш повеќе во мојата општина, на тоа место, нема да се повтори ваков немил настан, кој за жал се повторува. Во повеќе наврати, заедно со релевантните засегнати страни, но и невладини организации кои работат на проблематиката, како општина инициравме средби на оваа тема, а дебатиравме за можни решенија токму пред неколку дена во мојот Кабинет“, рече градоначалникот.

Тој воедно повика на свесност и совесност кај возачите кои сообраќаат по таа улица, на која, поради училиштето, во најголем број се движат деца. Покрај тоа, Наумоски апелираше до родителите за разумност и смирување на тензиите поврзани со настанот.

„Исто како и тие и јас очекувам преку конкретен проект, конечно решавање на проблемот“, додаде тој.